Зошто Ромаверзитас?
Согледувајќи ја ситуацијата на студентите Роми, се идентификува потреба од дополнителна помош во текот на нивните студии како и дополнителни образовни активности со цел да се развијат и надоградат постоечките вештини и способности на студентите Роми, полесен премин во следна академска година, успешно дипломирање, создавање професионалци во нивната област на студирање, фасцилитирање на процесот на поголема застапеност и интеграција на Ромите во академскиот живот и граѓанското општество како и промовирање на еднаков пристап на еднакви можности за студентите Роми во високото образование.
Настанување на Ромаверзитас
Ромаверзитас е програма за високо образование на Роми како дел од Ромската Образовна Програма имплементирана од ФИОО-Македонија. Основана е 2001 година, како заедничка иницијатива на ФИОО-Македонија и ИОО-Будимпешта. Ромаверзитас претставува логички продолжеток на програма за стипендирање и менторирање на студенти Роми; промовирање на еднакви можности за влез во образовни институции во Р.М., спроведувана од 1997 година од страна на ФИООМ.
Целна група на Ромаверзитас
Ромаверзитас поддржува студенти Роми, но од 2010-тата година официјално започна со работа со студенти не Роми.
Визијата е Ромаверзитас да придонесе кон креирање на критичка маса на добро едуцирани студенти Роми, кои на долгорочен план ќе се застапуваат себеси и својата заедница.
Во моментот, Ромаверзитас работи на следниве активности:
- Туторство
- Менторство на врсници
- Курсеви по компјутерски вештини и странски јазици
- Еднодневни работилници
- Тренинзи за градење вештини за социјална правда и
- Студентски иницијативи и проекти(СИП)
Што за Ромаверзитас рекоа корисниците на нашите услуги?
Елвис Мемети, Тетово-дипломиран политиколог
Добивав стипендија од Ромаверзитас и задоволство ми е што можам да кажам дека јас сум од првата генерација студенти во Ромаверзитас. Помошта ми значеше многу во секој момент од моето студирање - стипендијата, менторството, другите обуки-ми помогнаа да бидам поуспешен студент. Во моментов сум на постдипломски студии, работам во Министерството за труд и социјална политика и останувам вклучен во активностите што ги организираат студентите
Реџеп Али Чупи, Гостивар - дипломиран правник
Стипендијата и менторството беа од голема помош за мене и ми помогнаа полесно да ги завршам студиите по право. Преку курсевите по англиски јазик и компјитери, овуките, семинарите, летните школи се здобив со многу корисни знаења, вештини и искуства кои во тој период многу ми значеа а денес посебно ми користат во извршувањето на секојдневните професионални и приватни задачи. Во моментов сум на јавна функција во Министерството за Образование и наука на Р. Македонија, директор на Управата за развој и за унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците. Ги следам и постдипломските студии по Европска и Меѓународна политика со дипломатија на Првиот приватен универзитет ФОН во Скопје
Шејла Фидани, Гостивар - дипломиран комуниколог
Ромаверзитас многу инвестираше во мене. Живеев во Гостивар, студирав во Тетово а доаѓав во Скопје за сите дополнителни обуки. Секојдневно патував на овие релации, но бев убедена дека вреди да го правам тоа без да се жалам. Мојата порака до средношколците и за нашите идни студенти е: Не чекајте се да биде во ред. Никогаш нема да биде совршено. Секогаш ќе има предизвици, пречки и лоши услови. Па што ако. Почнете сега! Со секој чекор што ќе го направите, станувате се посилни, поквалификувани, посамоуверени, поуспешни.
Сузана Шабановска, Скопје - дипломиран социолог
Ромаверзитас како програма наменета за студентите Роми за мене лично ми значеше многу, пред се поради финансиските средства што ми беа доделувани во вид на стипендија во текот на четирите години од моите студии. Без тоа не ќе можев да студирам. Важни ми беа обуките како и дружењето со другите студенти.
Фатма Бајрамм Скопје - дипломиран педагог
Помошта која ја добивавме од Ромаверзитас беше непроценлива. Кај себе препознавам поголема самодоверба, имам поголем број пријатели, повеќе знаења, научив да комуницирам со професорите и да знам што и како барам. На идните средношколци и на идните студенти им препорачувам да продолжат со своето образование зошто само така ќе можат да се вклучат во опшстествените текови. Ви благодарам за поддршката!
Елвис Фазлиоски, Охрид - дипломиран правник
Мене Ромаверзитас ми ги прошири хоризонтите на размислување и создаде од мене личност што може да се соочи со сите идни предизвици во животот. Себеси се гледам во една од правните професии како адвокат или судија
Вели Тахири, Гостивар - апсолвент на Педагошки Факултет
За мене Ромаверзитас претставува место каде можам да изнајмам литература за на факултет, да користам туторство, да одам на курсеви за странски јазици и компјутерски вештини, место во кое можам бесплатно да користам интернет и компјутер, да добијам информација за семинар, стипендија и друга помош преку која стекнувам големо искуство. Исто така имав можност преку практикантската програма да бидам практикант во период од 1 месец преку која научив многу работи. Им благодарам на тимот на Ромаверзитас за укажаната поддршка.
Ивана Бошковиќ, Скопје - студент на Филозофски факултет
Што претставува за мене Ромаверзитас? Мултиетничност, семинари, соработка (тимска работа), неформално образование и дружење, практиканство (стекнување на работни навики).
Ерхан Фејзов, Скопје - студент на Факултет за географија
Што претставува за мене Ромаверзитас? Дружење, Успех, Поддршка, Неформално образование, Антидискриминација. Ромаверзитас е место каде помошта е бесплатна во секој момент. Ромаверзитас ми помогна многу во академскиот живот не само материјално туку и морално. Ромаверзитас претставува столб за еден студент Ром за поуспешна иднина. Ромаверзитас во изминатите 3 години ми го понуди најдоброто неформално образование кое за жал го нема на мојот факултет или воопшто на самиот универзитет. Се надевам и сум сигурен дека Ромаверзитас ќе постои и понатаму за следните генерации студенти Роми.
